Пописот на населението ѝ е потребен на државата, но тоа треба да биде статистичка, а не политичка операција како што ја подготвува власта, изјави денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој информираше дека на вчерашната седница на Извршниот комитет на партијата бил донесен заклучок да бара повлекување на законот за попис од собраниска процедура и преку поширока дебата да се дојде до консензуално решение за начинот на негово спроведување.
Ако владејачкото мнозинство не го повлече законот, ВМРО-ДПМНЕ ќе се мобилизира за да се поништи законот за попис кој ќе се донесе.
„Ќе има иницијатива за собирање потписи во Министерството за правда, предлог закон во Собранието за поништување на овој закон кој по насилен пат владејачкото мнозинство се обидува да го донесе“, рече Мицкоски.