ФИЛИП ДИНЕВ: Од секогаш сум имал нагон да импровизирам

Филип Динев, џез гитарист од Македонија

Со солидна бројка на концертни настапи и со материјалот од потентниот дебитански албум „Szvetlo“, патем снимен со триото во кое се и Французинот Пјер Мартин и Унгарецот Дани Ардај, македонскиот гитарист Филип Динев е на прагот да го почне својот засилен пробив на современата европска џез сцена.

Наоружан со јужните неба во очите и непарните ритми во жилите, вербата во умешноста на сопственото пребирање по жиците и незгасливата потреба нешто да смени, одземе, додаде бунтовниот Филип Динев со само нему својствена енергија го почна својот поход на музичка Европа. Со своето „атипично, интернационално џез трио“, за кое патем знае да каже дека „го проширува звучниот релјеф на класичното џез гитарско трио спојувајќи ги елементите на класична, џез, поп и балканска музика“, со формацијата насловена како Filip Dinev Szvetlo и во која се и тапанарот Пјер Мартин од Франција и басистот Дани Урдај од Унгарија, тој изнудува почит секаде онаму каде што ќе ја закачи шапката. И, уште онака младешки ќе потсети дека „триото љуби да провоцира спонтаност, задржувајќи отворен и органски звук“. А, ако се сомневате во овие зборови обрнете внимание на композициите како „Balkan Blues“, „Budapest“, „Tema D Amore“, „Vonatok“... И, кон ова уште информацијата дека албумот непосредно по објавувањето се најде на официјалните плејлисти на Spotify, како и на „All New Jazz“ и „New Music Friday Magyarorság“, и е вклучен во програмите на европски џез радија меѓу кои „Karc FM 105.9“, „90.9 Јаzzy Radio“, и „Tide Radio“.

Филип Динев, од родната Гевгелија преку Академијата, бројните свирки со македонските џез музичари, студиите во Хамбург... се чини дека за релативно кратко време стигна до своето интернационално трио „Szvetlo“. Најнапред како започна целата приказна?

- Од секогаш сум бил фан на поинтимни формации. Триото е специфична констелација, остава голема слобода и простор за игра, варијација на аранжман, експериментирање, отплеткување, заплеткување... Се` она што ми се допаѓа во оваа „real time“ музика, наречена џез.

Приказната за овој интернационален проект започна во Будимпешта, во периодот 2018-2019, кога студирав на Академијата „Франц Лист“. Таму ги запознав Пјер Мартин, француско-унгарски перкусионист и Дани Ардај, контрабасист од Будимпешта. Набргу започнавме да свириме мој материјал, почнувајќи од Будимпешта, па во Сегедин, Дебрецен, за на крај да сфатиме (најкасно јас), дека мора да снимиме албум, затоа што реакциите од публиката беа секогаш многу позитивни.

Овде несомнено ми се наментува едно навидум обично, но сепак интересно прашање. На каква музика е растен Филип Динев? Каков беше неговиот пат до сцената? Од каде желбата да биде во светот на џезот? Дали е тоа плод на компромис со околината околу него или нешто што се случило само по себе?

- Интересно... Љубовта и почитта кон музиката беа секогаш присутни дома, но не бевме израснати на класичен џез или сериозна музика. Татко ми и брат ми имаа големо влијание. На кратко - слушавме се*, баш од екстрем до екстрем. Но, под еден услов - да е добро. Барем за тоа време. Од Red Hot Chili Pepers, преку Стинг, до блуз и џез гитаристи, за во средношкоските денови да почнам да слушам повеќе џез-ориентирана и инструментална музика. Најмногу почнав да влегувам во џезот кога се запишав на Академијата за музичка уметност во Штип.

За време на студиите со драги колеги започнавме со џез квартетот IN BETWEEN. Отсвиревме повеќе концерти и фестивали низ Македонија. Подоцна, заедно со Септетот на Гоце Стевковски, музициравме не само овде дома туку и во Црна Гора, Босна и Бугарија. Паралелно свирев и во трио формација. Да се биде во присуство на многу позрели и поискусни музичари е голема благодет.

Од секогаш сум имал нагон нешто да сменам, да додадам, да одземам. Со други зборови, да импровизирам. Желбата да се биде во светот на џезот доаѓа најверојатно од потребата да се размислува лично, слободно, креативно и различно.

Иако, почетоците на интернационалното трио се врзуваат за Унгарија и настапите во тамошните центри, сепак материјалот е сниман со македонски музичари, твои пријатели и соработници. Како се одвиваше целиот тој процес? На што обрна посебно внимание во подготовката на албумот?

- Среќен сум да споделам дека албумот го продуциравме сами во Гевгелија. Притоа од голема помош ни беа моите другари, вистински професионалци, Ѓорѓи Вацев и Златко Андријевски. Ја избрав родната Гевгелија како место за снимање на материјалот, затоа што... Така сакав. Изгледа, ми беше најтопло! Исто и за локацијата - „Пионерски дом“, можеби од некои носталгични причини и тоа што ми се допадна акустиката, да не кажам „времетрањето на реверберацијата“, а и тоа што е на 50-тина метра од нашата куќа. Плус, се` фини луѓе! Беше вистинско задоволство да се сними материјалот и да се имат Пјер и Дани дома. Мора да признаам, беа гледани како „бубрег во лој“ и навистина им се допадна градот. Македонија. Во врска со подготовката, искрено бев толку преоптоварен со бирократија за одење во Хамбург, што логистиката околу целиот процес на снимање не беше на прво место во тој период. Но, од претходно искуство и знаејќи со кои луѓе си имам работа, имав верба. После снимањето и продуцирањето на албумот, имав/имам уште тон работа, за која сфаќам дека колку знам, три пати повеќе не знам. Тоа е.

Материјалот забележан на „Szvetlo“ на виделина го вади интересот за класичната музика, за џезот, слободната импровизација... Но и влијанијата на популарната култура и особено она што како лидер го има запишано во твојата ДНК – традиционалната и не само македонска туку и воопшто балканска музика. Колку ваквото вкрстување може да биде провокација за оние што прв пат се среќаваат со вашата понуда? Какви се реакциите на албумот и посебно на концертните настапи?

- Ах, слатка провокација. Се сложувам, доста важен елемент во музиката. Би ги охрабрил читателите да го преслушаат албумот опуштено и да ми кажат дали сме ги испровоцирале, хаха. Тоа е и единствено нешто што не охрабрува. Понекогаш и беше главен мотив да се сними овој материјал. Јас искрено се трудам да ја гледам музиката како едно и не сум многу оптеретен со жанр Музиката е таква каква каква што е, затоа што ние сме такви какви што сме. Но да, кога треба да одберам зборови, има влијанија од џез, класичната, поп музиката и баканската култура воопшто.

Реакциите за ноиот албум се генерално многу позитивни и тоа ме радува. Она што ни треба/им треба на артистите е вистинска поддршка и слух за она што го прават, шанса и простор за тоа да го презентираат. Затоа концерти ни се многу важни. Се надевам дека онлајн концертите нема да станат „the new normal“, затоа што верувам на сите им е веќе здосадено од нив.

Ќе ти ги отвори ли ваквиот пристап и упорноста портите на интернационалната кариера? Концерти, поголеми европски фестивали...Свесен ли е Филип Динев за влогот и напорот што треба да ги стори? Има ли сили за такво нешто?

- Искрено, може само да се надеваме. Уметничката музика е сфера на делување, начин на живот, кој од вас бара повеќе од колку што може да дадете, а не гарантира ништо. Ама и така е, музиката не ви должи ништо. Си должиме сами на себе изгледа. Затоа, помош од било која страна е повеќе од добредојдена и пожелна. Ако се` е во ред со 2021, би требало да имаме концерти во неколку европски држави. Ако принципот „една врата отвара друга“ е валиден, се надевам дека ќе има позитивен исход. Ама вратите се сега малку затворени, така да и да имате нов материјал - можам да кажам дека моменталната состојба е многу неизвесна. Да не кажам - тапа. Во врска со напорот што треба да се направи, најверојатно не сум свесен. Сите се трудиме колку што можеме и секогаш мислиме дека не е доволно. Затоа треба да се развива културата и свеста, а со тоа ќе се развие и мотивацијата. Верувам дека на сите професионални, едуцирани музичари им е потребна помош - дали финансиска, работа, инклузивност, мотивација за да продолжат да творат.

Неодамна, повторно во трио но со овдешните соработници, свиреше и на џез фестивалот во Кикинда, соседна Србија ... Дали е тоа формулата што мора да се следи- да не се пропушта ниту една прилика за настап и да се шири кругот на музичари со кои треба да се прават различни комбинации и експерименти?

- Свиревме, виртуелно, онлајн. Ние им помогнавме, тие ни помогнаа. За жал, така беше оваа година - онлајн. Јас не сум инаку фан на онлајн концерти. Се надеваме оваа што сега започна дека ќе имаме можност да свириме по фестивалите и да го презентираме она што најдобро го знаеме - да одржиме концерт во живо. Таму, на сцена. Не знам дали е таа формулата, но шансите кои се пружат во овој домен не се многу чести, па прифаќаме се*.

Обично додека еден материјал се расвирува на концертите, другиот полека се создава. Се крчка ли новиот албум на триото? Колку тој ќе ја следи сегашната развојна линија или ќе биде можеби нешто поразлично, обид да се исчекори еден спетеник погоре, да се проба да се плива во некои други води?

- Мило ми е што си го забележал тој патерн на здрава креативна благосостојба, нешто што не е секогаш така. За среќа - да, полека се расвирува и нов материјал. Кога ќе созрее малку и се растресе на концертите, ќе добие пофин облик. Нормално, сакам наредниот албум да е малку поразличен од овој. Ама за сега им препорачувам на читателите да го слушаат овој, се разбира дур не им здосади, хаха!

Како млад музичар кој за среќа веќе имал можност да има зад себе и убава бројка на настапи и фестивали по Европа со какви очи гледаш на појавите и артистите од домашната џез сцена. Успеваш ли да го следиш она што сега се случува во Македонија, да ги чуеш новите изданија...да бидеш во тек со фестивалите?

- Апсолутно, ние сме сите другари, колеги и секогаш се поддржуваме и почитуваме меѓусебно. Македонија во моментот има најмногу професионални, креативни и екстра талентирани џез музичари на километар квадратен од било кога. И најмногу џез изданија. Исто, џез културата е во развојна линија, но потребна е помош. Споредбено со другите европски држави, сме повеќе чекори назад. Да не не` обесхрабрува ова - мора сите да туркаме и да имаме желба за тоа. Верувам дека со добра организација и напор можат да се сменат некои работи. Многу често разликата е во основните, навидум мали работи. Генералниот проблем кај нас е што државата е глува на најкомпетентните луѓе во своите домени и едноставно не бара помош од нив. Овој феномен на никој не му е јасен, но тоа е.

Знаејќи ги твоите корени, тоа дека си растен на музиката на ЗИЈАН каде твојот татко Коце Динев беше басист и еден од најистурените на сцената...но и фактот дека твојот брат Глигор ако не се лажам свири тапани, реално ли е да се очекува ваш заеднички јавен настап, издание или...тоа ќе го оставите само за приватните семејни забави или дружби со пријателите?

- По дома се случува неретко да посвириме. Онака за себе. За кејф. Со брат ми сме свиреле и концерти заедно со ЗИЈАН. Било преубаво искуство. Здравје, се надевам дека ќе излезе и некој заеднички проект на виделина.