Демократите во Конгресот на САД почнуваат процес на импичмент на Трамп

Доналд Трамп

Претставничкиот дом на Конгресот на САД денеска треба да гласа за резолуција со која почнува процес на импичмент на претседателот Доналд Трамп, поради улогата во поттикнувањето на толпата негови приврзаници да влезе во зградата на Конгресот на 6 јануари. Во текот на минатата ноќ Претставничкиот дом усвои резолуција во која се бара од потпретседателот на САД Мајк Пенс да се повика на 25- от амандман од Уставот и да одржи гласање на кабинетот за разрешување на Трамп.

Смена на претседателот според 25-от амандман подразбира потпретседателот и мнозинство од членовите на кабинетот на претседателот да прогласат дека претседателот не е способен да ја извршува својата уставна должност.

Ова беше симболично гласање на Домот, бидејќи Пенс веќе рече дека нема да почне процедура за отповикување на претседателот.

Претседавачот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси деновиве изјави дека ако Пенс не ја почне процедурата за разрешување на Трамп, тогаш демократите на 13 јануари ќе продолжат со донесување на закон за импичмент во Претставничкиот дом.