Министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Бирото за развој на образование и професори од сите нивоа на образование од областа на уметностите денеска учествуваа на онлајн-дебата во рамки на јавната расправа за нацрт-концепцијата за основно образование.
На состанокот министерката Царовска истакна дека реформите требало да се случат уште пред десетина година и дека не се брза со новиот концепт, туку се доцни.
"Се прават реформи на исклучително транспарентен начин и со вклученост на сите страни и дека ќе се најде баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на децата, рече Царовска.
До ова дојде откако некои од наставниците кажаа дека реформите се прават набрзина, иако се согласни дека промени во системот се неопходни. Наставниците имаа и прашања како ќе изгледаат часовите, се интересираа за наставните подрачја и за споените предмети.
Наставничка по ликовно образование кажа дека кога веќе било најавено дека се намалува бројот на часови, тоа, според неа, по автоматизам би значело губење на авторитетот и значењето на самиот предмет.
Министерката пак посочи дека со концепцијата се дава слобода на наставниците од уметностите во држењето на наставата.
" Исто така, започнуваме со вложување и опремување на училиштата во кабинети и други простории каде што учениците ќе може низ практична настава да се запознаат со предметите и да се стекнат со знаења", рече Царовска.
Министерството информира и дека ги продолжува дебатите и консултациите за Нацрт-концепцијата и дека од декември до сега биле консултирани над 4000 наставници, но и родители и ученици.
Нацрт-концепцијата е објавена на веб-страницата на МОН и забелешки, коментари и предлози може да се поднесуваат до 20 јануари.
МОН - Не се укинува предметот историја
Инаку оваа најавена реформа предизвика силни реакции во јавноста особено поради идејата да се спојат историјата и географијата како еден предмет во основните училишта, нешто што во дел од јавноста беше оценето како обид за бришење на историјата во време кога Бугарија спори токму со дел од македонската историја.