European Film Promotion оваа година ја избра македонската актерка Сара Климоска како една од десетте европски актерски откритија – European Shooting Stars 2021, соопшти македонската Агенција за филм. Во оваа престижна селекција, Сара Климоска е избрана заедно со уште девет актерки имиња од Финска, Франција, Германија, Унгарија, Литванија, Ирска, Холандија, Португалија и Шведска, а поради нејзината улога во дебитантскиот филм на Игор Алексов – „Лена и Владимир”, во продукција на Минд Продукција.
Во филмот „Лена и Владимир“, Сара ја глуми 16-годишната Лена, која никогаш се нема вљубено претходно, покрај средовечниот Владимир (Тони Науновски), кој пак има загубено сè што љубел претходно. Заедно доживуваат пролет во еден ладен јануари и се вљубуваат во животот. Сценариото е на Александар Русјаков. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, којшто е завршен минатата година, но се уште не е прикажан.
Сара Климоска најмногу ѝ е позната на македонската публика со нејзината улога во филмот „Врба“ на Милчо Манчевски, македонскиот кандидат за оскар.
Оваа манифестација се одржува во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин и важи за една од најпрепознатливите обележја на Берлинале, каде актерите кои се избрани имаат неверојатно искуство и можност за воспоставување на контакти со европски кастинг агенции, филмски професионалци и етаблирани актери од Европа.