Избрана новата ДИК, Даштевски претседател

Александар Даштевски

Собранието денеска, со 95 гласа ЗА и ниеден ПРОТИВ, го изгласа новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК). Нов претседател на ДИК е Александар Даштевски, поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а потпретседателка останува Дитмире Шеху од ДУИ. Во новоизбраната Комисија има четворица нови членови и тројца од досегашниот состав.

Во старо-новиот состав на ДИК се и Борис Кондарко и Радица Ристеска, поддржани од владеачкиот СДСМ, како и на Оливер Ристовски, поранешен заменик министер за правда. Втор член на ДИК со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде Бобан Стојаноски, правник во Собранието. Алијанса на Албанците, која е во коалиција со Алтернатива ја поддржа кандидатурата на Кренар Лога, правник од Струга.

Новиот претседател Даштевски беше член на ДИК пред 15-тина години, а неговата последна фунцкија беше претседател на Комисијата за заштита од дискриминација. Тој доаѓа на местото на досегашниот претседател Оливер Дерковски.