Бучковски: Ќе ги разгледуваме бугарските коментари за нашиот Акциски план

Владо Бучковски и Бојко Борисов во Софија, 10 декември 2020

Во периодот што следува нашата работна група ќе ги разгледа коментарите, кои пристигнаа од Бугарија на нашиот предлог Акциски план и ќе биде изградена јасна позиција, изјави за МИА специјалниот пратеник за Бугарија, Владо Бучковски, кој се наоѓа во посета на Софија. Тој вчера имаше средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерија Захариева, која му даде Акциски план, а кој допрва треба да биде разгледна од нашите власти. Тој и Захариева размениле идеи за продолжување на процесот за враќање на довербата меѓу двете земји.

Бучковски вели дека секоја негова службена комуникација на релација Скопје – Софија е во функција на предложениот Акциски план од македонска страна кој содржи конкретни чекори во делот за поврзување преку Коридорот 8, соработката во образованието, во енергетиката, културата, економијата, информатичкото општество.

„Сето тоа треба да создаде доверба меѓу владите и државите, помеѓу народите меѓу двете држави. Без разлика на интензитетот на мои патувања и средби, очигледен е интересот на двете страни да не се дозволи замрзнување на односите или комуницирање само преку медиуми или преку посредници. Нашата блискост како два народи и две држави со заеднички моменти од минатото и заеднички погледи кон историјата не упатува и двете страни да преземаме чекори до наоѓање решение, а ваквите работни средби се токму чекор напред кон решение“, вели Бучковски.

Бугарското МНР вчера соопшти дека Бугарија предложи акциски план за соработка со Република Северна Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и оти документ, се однесува на сите ресорни министерства, а се очекува да биде потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (согласно член 12 од Договорот).