Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска излезе со неколку предлози до Владата за петтиот економски анти-ковид пакет.
„ССМ бара субвенционирањето на плата како мерка да продолжи онаму каде што производството е намалено како што тоа е утврдено и со четвртиот пакет на мерки, но да се исплаќа директно на сметките на работниците што се покажа како повеќе од потребно поради повторната злоупотреба на средствата од финансиската поддршка за исплата на платите на работниците обезбедена од Владата, со оглед на тоа што и по 5-ти пат, газди, оставија работници без никаква егзистенција, а за тоа земаа средства од државата“, соопшти денеска ССМ.
Дополнително, бараат еден од главните услови за добивање на финансиска поддршка да биде враќање на работниците кои биле испуштени од работа, а исто така и задолжително да биде по користењето на мерката работодавачите кои добиле финансиска поддршка за исплата на плати да ги задржат односно да нема отпуштање на работниците најмалку три месеци по завршување на мерката.