Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека лекот „ивермектин“ од денеска е достапен во аптеките. Лекот ERMETIN (ivermectin) таблета 3 мг x 10 во пакување, како што соопшти Министерството, на производителот World Medicine Ilac San.Ve.Tic. од Турција, по одобрена малопродажна цена во аптеките изнесува 299 денари.
„Овој лек може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или лекар специјалист. Тој може да се употребува во домашно и болничко лекување и да се зема превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид-позитивен. Повеќе клинички студии кои ја евалуираат ефикасноста на „ивермектин“ кај пациенти со Ковид-19 се во тек и/или нивните крајни резултати сè уште не се публикувани во научни списанија, но прелиминарните резултати сугерираат дека „ивермектин“ има поволен ефект во профилакса на Ковид-19 кај експонирани лица, како и во терапија на пациенти со лесна, средно-тешка и тешка клиничка слика“, информираше Министерството за здравство.