Не постои анекс со 12 точки на Договорот за добрососедство и пријателство, за кој зборуваше бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, вели министрерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за телевизијата „ТВ21.“
„Не постои никаков Анекс со 12 точки за кои зборува Каракачанов“, вели Османи.
Изјавата на Османи доаѓа откако бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов деновиве изјави дека Софија во ноември испратила Анекс на Договорот за добрососедство и пријателство потпишан од Северна Македонија и Бугарија.
Двете држави трет месец разговараат за отворените прашања поради кои официјална Софија ја блокираше македонската европска интеграција.
Османи претходно во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека идентитетските теми во разговорите со Бугарија се на маса, но дека за нив не се преговара што значи оти за нив нема компромис.
Од Софија, пак, продолжуваат тврдењата дека македонската нација не постоела до 1944 година.
Бугарската влада минатата година и официјално пред институциите на ЕУ ги претстави своите позиции преку објаснувачки меморандум, во кој е наведено дека македонската нација е вештачки констуркт на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, а македонскиот јазик е норма на бугарскиот.
Во однос на историјата поврзана за овие теми разговара македонско бугарската мешовита комисија за историски и образовни прашања, од чија брзина на работа бугарските политичари не се задоволни, а во однос на јазикот, официјална Софија бара во институциите на унијата да биде со фуснота, дека тоа е јазик според Уставот на Република Северна Македонија.