САД ги прогласија бунтовниците Хути во Јемен за „терористичка организација“, и покрај загриженоста кај хуманитарните организации дека тоа ќе влијае на хуманитарните испораки во земјата, разурната од војна, која е на работ на широко распространет глад.
Државниот секретар Мајк Помпео ја објави оваа одлука вчера, велејќи дека Хутите спроведоа воена кампања во која загинаа многу луѓе, продолжува да го дестабилизира регионот и оневозможува мирно решение за конфликтот во Јемен.
Прогласувањето доаѓа само 10 дена пред новиот претседател Џо Бајден да ја преземе функцијата претседател на САД, со што може да ги ограничи дипломатските напори на наредната администрација со Иран, кој одржува врски со Хутите.
Лидерот на Хутите, Мохамед Али ал-Хути, денеска го осуди потегот на САД, велејќи дека организацијата го задржува правото да одговори на какво било прогласување од која било администрација.
Министерството за надворешни работи на Јемен соопшти дека Хутите „заслужуваат да бидат прогласени за странска терористичка организација, не само поради нивните терористички активности, туку и поради нивните постојани напори за продолжување на конфликтот и предизвикување на најголемата хуманитарна криза во светот“.
Хуманитарните организации и ОН предупредија дека со прогласувањето на Хутите за терористи ќе се загрози испораката на хуманитарна помош од која зависи опстанокот на 80 проценти од 24-те милиони жители на Јемен, зашто ќе ја ограничи нивната способност да комуницираат со бунтовниците. Исто така може да ги поткопа надежите за обновување на мировните разговори за окончување на конфликтот.
Помпео тврди дека овој потег нема да влијае на хуманитарната работа.
Јемен е најсиромашната арапска земја која беше втурната во граѓанска војна во 2015 година. Во конфликтот досега загинаа над 100 илјади луѓе, инфраструктурата е уништена и се создаде најголемата хуманитарна криза во светот. Во конфликтот во Јемен, Хутите, кои се шиитска секта, го контролираат главниот град Сана и голем дел од северот и западот на земјата, владата има поддршка од Саудиска Арабија, а постојат и сецесионистички движења на југот на земјата. Организациите за човекови права велат дека сите страни веројатно извршиле воени злосторства.