Навални го обвини Твитер за цензура на Трамп

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој е во егзил, го обвини Твитер за „неприфатлив чин на цензура“, откако Твитер воведе целосна забрана на профилот на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп. Твитер вчера соопшти дека воведува целосна забрана на прифилот на Трамп поради „поради ризик од понатамошно поттикнување насилство“, по насилствата во главниот град на САД оваа недела.

Навалник, кој е критичар на Кремљ, вели дека овој преседан ќе биде искористен од непријателите на слободата на говорот ширум светот.

Навални се наоѓа во Германија. Таму беше пренесен во август заради итна медицинска помош по труењето во Русија. Навални вели дека Трамп за време на неговиот четиригодишен мандат пишуваше и зборуваше многу неодговорни работи и плати за тоа, со тоа што не беше реизбран за втор мандат.

Критичарите велат дека Трамп честопати ја користел платформата за ширење дезинформации, омраза и поттикнување насилство, вклучително и неосновани обвинувања дека изборите во ноември биле „украдени“.


Притисокот на јавноста беше зголемен на социјалните платформи за да се прекине пристапот на Трамп до нив, по насилството од страна на негови приврзаници кои упаднаа во американскиот Капитол на 6 јануари, кога се потврди победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.
Освен Твитер , пристап на Трамп му забранија и Фејсбук и Инстаграм. Твитер му го забрани профилот на Трамп со образложение дека ги крши нивните правила.

Навални ги искористи Твитер, Јутјуб и другите социјални мрежи со одличен ефект за да го заобиколи задушувањето на традиционалните медиуми од страна на Кремљ. Тој води антикорупциските кампањи и се обидува да се спротивстави на Владимир Путин.

Навални го отфрли аргументот дека на Трамп му е забранет пристапот на Твитер поради тоа што ги прекршил нивните правила.

„Тука добивам смртни закани со години, а Твитер не забрани никого“, вели Навални. Тој предлага Твитер да создаде некаков комитет што може да носи одлуки за такви забрани, заедно со процес на жалба.

Многу приврзаници на Трамп и некои познати личности кои се про- Трамп, јавно ја критикуваа забраната како политички мотивирана.

Трамп сè уште има пристап до официјалните профили на @WhiteHouse и @POTUS, но тој пристап ќе го изгуби кога неговиот претседателски мандат ќе заврши на 20 јануари.