Претседателски избори во Киргистан

Гласачко место на изборите во Киргистан.

Во Киргистан денеска се одржуваат претседателските избори на кои националистичкиот политичар Садир Јапаров се обидува да ја зацврсти својата власт. Изборите се одржуваат на три месеци по масовните протести по спорните парламентарни избори, што ја доведе земјата до политички хаос.

Во централноазиската земја со 6,5 милиони жители, истовремено се одржува и референдум за тоа дали земјата ќе го задржи сегашниот парламентарен систем или ќе се врати на претседателски систем.

Според податоците, повеќе од девет проценти од гласачите гласале до пладне.

Поради екстремниот студ имаше одредени проблеми на повеќе од 2.300 избирачки места низ целата земја, како замрзнати скенери на гласачките кутии, но немаше извештаи за поголеми прекршувања на изборите до пладне по локално време.

Централната изборна комисија пријави околу 60 претставки од избирачките места, повеќето од нив се обвинувања за употреба на административни ресурси или обвинувања за купување гласови.


Анкетата спроведена во декември од истражувачката група Централноазиски барометар со седиште во Бишкек покажа дека 64 проценти од испитаниците имаат намера да гласаат за Јапаров. Само три проценти се изјасниле дека би гласале за неговиот најблизок ривал и колега Адахан Мадумаров.

Гласањето уследи откако беа поништени резултатите од спорните парламентарни избори на 4 октомври, откако приврзаниците на опозицијата излегоа на улиците да го осудат, како што рекоа, масовното купување гласови, во полза на партиите блиски до тогашниот претседател Соранбај Јенбеков.

До ноќта на 5 октомври, протестите станаа насилни откако во судири со полицијата загина еден демонстрант. Набрзо Јенбеков поднесе оставка.

Во меѓувреме, Јапаров беше меѓу неколкуте истакнати политичари, ослободени од затвор од демонстрантите за време на немирите. Тој беше осуден на 10-годишна затворска казна за земање заложници за време на протест против рударска операција во североисточен Киргистан во октомври 2013 година. Тој го негираше обвинението.

Јапаров стана премиер и потоа беше изгласан од пратениците за вршител на должноста претседател.