Твитер трајно го забрани профилот на Трамп

Принт скрин од профилот на Трамп на Твитер.

Социјалната мрежа Твитер објави дека трајно го забрани профилот на американскиот претседателот Доналд Трамп „поради ризик од понатамошно поттикнување насилство“.

Со одлуката на Твитер на највисокиот избран функционер во САД му е оневозможено директно да им се обрати на своите 88,7 милиони следбеници.

Претходно Твитер му го суспендираше профилот на Трамп на 12 часа, по настаните во американскиот Капитол од страна на поддржувачите на Трамп на 6 јануари. Тогаш Твитер соопшти дека суспендирањето е заради кршење на нивните правила.

Технолошкиот гигант предупреди дека трајно ќе го забрани профилот на Трамп ако тој повторно ги прекрши правилата на компанијата.

Критичарите на Трамп велат дека тој го користел Твитер за да шири
дезинформации, омраза и поттикнување насилство.

Трамп сè уште има пристап до официјалните профили @WhiteHouse и @POTUS, но ќе го изгуби ова право кога неговиот претседателски мандат ќе заврши на 20 јануари.

Трамп се обиде да ја заобиколи забраната на неговиот личен профил користејќи ги двата официјални владини профили, но тие твитови бргу беа избришани од Твитер.

Трамп од владината сметка @POTUS на Твитер објави: „Нема да бидеме замолчени!“.