Србија остана без 44 илјади жители во 2020 година, не сметајќи ги оние кои заминале во странство, а доколку продолжат сегашните трендови, за 30 години ќе има само околу 4,5 милиони жители, предупреди министерот за семејна грижа и демографија Ратко Дмитровиќ.
Тој рече дека минатата година стапката на смртност во Србија се зголемила за три отсто, а наталитетот се намалил за повеќе од два отсто.
„Ако ништо навистина не се промени во однос на морталитетот и стапката на наталитет, ако продолжиме да губиме 40.000 жители годишно, ако 40.000 до 50.000 луѓе продолжат да ја напуштаат Србија секоја година, ќе имаме само околу 4,5 милиони жители во 2050 година, а сега сме нешто помалку од седум милиони, првпат по 65 години“, изјави министерот.
Тој исто така предупреди дека во 2020 година биле склучени 10.000 бракови помалку отколку во 2019 година.
„Тоа се страшни бројки и тоа е директното влијание на короната, пандемијата. Се надевам дека ова се само одложени бракови, дека овие млади луѓе чекаат крај на пандемијата затоа што ние Србите сакаме свадби, прослави“, кажа Дмитровиќ.