Американскиот претседател Доналд Трамп вчера призна дека Џо Бајден ќе биде наредниот претседател на САД. Неговото признание доаѓа еден ден откако насилните приврзаници упаднаа во зградата на Конгресот додека членовите ја потврдуваа победата на Џо Бајден.
Четири лица го загубија животот на протестите, работата на Конгресот беше паузирана, а пратениците евакуирани. Сепак, неколку часа по стапувањето на сила на полицискиот час во Вашингтон, тие се вратија на работа и ги потврдија изборните резултати во корист на Бајден.
Трамп, кој и утрото по протестите продолжи со тврдењата дека изборите биле наместени, рече дека сега ќе се фокусира на мирен трансфер на власта кон администрацијата на Бајден.
„Новата администрација ќе има инаугурација на 20 јануари“, рече Трамп во видео порака.
Тој ги осуди насилствата во Конгресот ден претходно, велејќи дека демонстрантите го осквернавиле седиштето на американската демократија.
Изјавата за признавање на новата администрација претставува пресврт за Трамп кој се соочува со зачестени повици на оставка или отстранување од функцијата по насилствата во средата. Тој со месеци тврди, без докази, дека изборните резултати се дел од широко распространета измама.
Конгресот официјално ја потврди изборната победа на демократскиот кандидат Џо Бајден во четврток наутро, неколку часа откако стотици демонстранти упаднаа во зградата. Повеќе од половина од републиканските од Долниот дом и осуммина републикански сенатори гласаа за оспорување на изборните резултатите.