Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека Израел ќе биде првата земја во светот која ќе ги вакцинира против ковид-19 сите свои граѓани постари од 16 години до крајот на март.
Фалејќи го „огромниот напредок“ во преговорите со компанијата Фајзер, Нетанјаху рече дека фармацевтскиот гигант се согласил да испрати милиони дополнителни дози во Израел и дека авионот со првата нова пратка ќе слета на меѓународниот аеродром во Тел Авив в недела.
Тој рече дека Израел ќе биде „земја пример“ за Фајзер, со тоа што ќе ѝ пружи на компанијата статистички податоци за ефикасноста на вакцината и така ќе помогне во формулацијата на „глобалната стратегија“ за победа врз пандемијата.
На полноќ стапија на сила заострени мерки против ширење на коронавирусот во земјата, откако бројот на нови случаи повторно надмина 8000 дневно, а вакцинацијата оваа недела забави поради недостиг на нови дози од вакцината, наведуваат израелските медиуми.
Нетанјаху оценува дека благодарение на масовната вакцинација Израелците ќе може да го прослават еврејскиот празник Пасха на 27 март во кругот на поширокото семејство.
Израел е на светскиот врв по процент на вакцинирано население. Првата доза на вакцината од 20 декември досега ја примиле 1,7 од 9,3 милиони жители.
Во моментов во земјата има над 65 илјади активни случаи на ковид-19, а над 3500 луѓе досега починаа од болеста. Од почетокот на пандемијата биле заразени над 470 илјади луѓе во Израел.