Фејсбук и Инстаграм ќе ја продолжат забраната за профилите на социјалните мрежи на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп на „неопределно време или најмалку во наредните две недели додека не се случи мирната транзиција на власта“, соопшти директорот Марк Цукерберг.
Забраната, како што наведе Цукерберг, е продолжена поради „користењето на платформата од страна на Трамп за поттикнување на насилно востание против демократски избраната влада“.
„Ние веруваме дека ризиците да му се овозможи на претседателот да продолжи да ја користи нашата услуга во овој период се едноставно премногу големи“, рече Цукерберг.
Фејсбук и Твитер претходно привремено ги суспендираа профилите на Трамп откако вчера неговите приврзаници упаднаа во Конгресот додека се одвиваше верификацијата на гласовите од претседателските избори на 3 ноември, минатата година. Во нередите животот го загубија 4 лица.
Трамп денеска порача дека и покрај тоа што не се согласува со изборните резултати ќе има уредна транзиција на власта на 20 јануари кога ќе биде инаугурацијата на неговиот наследник на функцијата Џо Бајден.
Видео од случувањата во Капитол Хил, 6 јануари 2021