Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа утринска божикна литургија по повод Божик со која чиноначалствуваше поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан. Во божикната порака, тој на верниците им посака да се сакаат еден со друг, а оваа година да биде време на победа над злото и непријателството и време кога ќе заврши страдањето од подмолната болест.
Пандемијата, како што истакна, докажала колку човекот е немоќен и покрај сета своја самоувереност и сите свои достигнувања и знаења.
„Но, најстрашната пандемија на денешницата е што луѓето заборавија да веруваат во Бога и да ги љубат ближните, а покајанието е најдобриот лек против сите болести на телото и на душата“, рече поглаварот на МПЦ-ОА.
Тој порача и сегашноста и иднината не можеле и не можат да создадат минато или по нечија желба да го менуваат истото и дека македонскиот народ пред никого и за ништо не треба да отстапува.