Тринаесет земји-членки на ЕУ во писмо до Европската комисија го повикаа Брисел да им помогне на источните соседи на ЕУ да го вакцинираат своето население против Ковид-19. „Сметаме дека нашите граници нема да бидат безбедни ако не ја прошириме нашата поддршка за нашите први соседи“, стои во заедничкото писмо на министрите за надворешни работи на 13-те земји: Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка и Шведска. „Нашите источни партнери постојано изразуваат колку ја ценат помошта на ЕУ во кризата и се молат за полесен пристап до вакцината“, потсетија потписниците.
Заев деновиве очекува солидарност и вакцини од ЕУ
ЕУ веќе нуди поддршка за вакцини на балканските земји кои не се членки на ЕУ, а во декември одобри сума од 70 милиони евра за да им помогне да ги покријат трошоците за вакцинација. Во писмото испратено до Брисел се бара слична помош да им биде дадена на земјите учеснички во програмата Источно партнерство - Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Молдавија и Украина. Портпарол на Комисијата потврди дека телото го добило писмото и изјави дека Брисел веќе преговара со партнерските земји, но не даде други детали.
Повикот дојде во време кога европските власти се соочуваат со жестоки критики за бавното спроведување на процесот на вакцинација во земјите-членки. Комисијата зборува за недоволен капацитет за производство на вакцини.