Полицијата во Вашингтон соопшти дека четири лица починале кога приврзаници на претседателот Доналд Трамп упаднаа во американскиот Капитол, додека Конгресот ја ратификуваше победата на избраниот претседател Џо Бајден, две недели пред неговата инаугурација. „Ние нема да ја знаеме причината за смртта ... веруваме во некаков вид на медицинска итност“, рече на 7 јануари началникот на полицијата во Вашингтон, Роберт Конти, во врска со три од четирите жртви. „Жртвата ранета од огнено оружје…починала во болницата“, додаде тој. Конти рече дека досега биле уапсени 52 лица во врска со опсадата на Капитол и дека биле пронајдени две рачно изработени бомби во цевки, една надвор од Демократскиот национален комитет и другата од Националниот комитет на Републиканската партија. Полицијата открила и молотов коктел на теренот во Капитол.
Полициски час по упадот на про - Трамп демонстрантите во Конгресот на САД
Капитол беше прогласен за безбеден околу четири часа по насилствата кога десетици луѓе успеаја да ги превртат бариерите и да влезат во зградата, со што се стигна до салата на Сенатот, каде се одвиваше пребројувањето на изборните гласови од претседателските избори. Тепачки имало во централниот дел на зградата, каде што бил користен и солзавец. Пенс, кој претседава со заедничката седница, мораше да биде со придружба изнесен од Сенатот откако еден член на толпата што влезе во салата извика: „Трамп победи на изборите“.