Новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден денеска изјави дека денешните случувања во Капитол Хил не ја претставуваат вистинската Америка.
Денешната ситуација, според него, покажала дека демократијата во САД е „кревка.“ Тој го повика Трамп да ги запред протестите пред Конгресот, а дека републиканците и демократите треба заедно да се спротивстават на ваквите случувања.
„Она што го гледаме е мал број на екстремисти кои се посветени на бесправна држава, ова не е ред, ова е неред, ова е хаос. Ова мора да запре, јас ја повикувам оваа маса на луѓе да се повлече и да овозможи демократијата да оди напред“, рече Бајден.
Инаку, денеска поддржувачи на актуелниот американски претседател Доналд Трам влегоа во зградата на Конгресот, а како што објави Ројтерс тие стигнале и до просториите на Сенатот.
Една жена е во критична состојба, откако во просториите на Капитол била застрелана во градите. Информацијата ја пренесоа Си-Ен-Ен и Асошиејтед Прес. Околностите во кои се случило пукањето сè уште се нејасни. Ранетата е пренесена во болница.
Бајден додаде дека зборовите на претседателот вредат, без разлика колку тој е лош или добар претседател и го повика претседателот Трамп да „веднаш“ да излезе на национална телевизија и да го почитува Уставот и да ја повлече „опсадата.“
„Јас сум тажен и шокиран за тоа што ѝ се случува на нашата нација, која толку долго работеше на демократијата. Ова е еден мрачен момент“, рече Бајден.
Немирите во Капитол Хил започнаа откако претходно Трамп одржа собир на кој пред неговите поддржувачи рече дека никогаш нема да ги признаат изборните резултаати.
Американскиот Конгрес претходно го почна процесот со требаше да се потврди победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.
Трамп во меѓувреме на Твитер ги повика демонстрантите да заминат дома, а бројот на демонстранти пред Капитол Хил е намален, како што јавија повеќе светски медиуми.