Трамп - Никогаш нема да го признаеме поразот

Претседателот на САД Доналд Трамп одржува митинг за да го оспори сертифицирањето на резултатите од претседателските избори од страна на Конгресот на САД во Вашингтон. 6 јануари 2021.

Актуелниот американски претседател Доналд Трамп денеска се обрати пред илјадници собрани негови поддржувачи во близина на Белата куќа, пред самиот почеток на заседавањето во Конгресот, каде почнува процесот со кој ќе биде потврдена победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.

„Никогаш нема да се предадеме. Никогаш нема да го признаеме поразот“, рече Трамп додека луѓето на собирот извикуваа „Го сакаме Трамп.“

„Не го признавајте поразот кога станува збор за кражба. Нашата земја претрпе премногу и нема да дозволиме повеќе“, рече Трамп додавајќи:

„Овие избори се украдени од мене, од вас, од оваа земја“, рече Трамп тврдејќи повторно дека изборите се украдени.

Тој повеќе пати рече дека „земјите од третиот свет имаат пофер избори од американските“, дека медиумите не се фер. Тој критикуваше одредени републиканци , нарекувајќи ги слаби и го повика потпретседателот Мајк Пенс „да ја направи вистинската работа.“

Тој рече дека потпретседателот треба да ги врати гласовите на државите на повторно потврдување и дека на тој начин „ние ќе победиме“, рече Трамп.

Американскиот Конгрес почнува со процесот во кој ќе ја потврди победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Се очекува процесот да биде потенцијално оспорен и долготраен поради претходно најавените приговори на републиканците кои го поддржуваат претседателот Доналд Трамп.

Потпретседателот Мајк Пенс ги водеше членовите во текот на денешните постапки. Пред почетокот на седницата на Конгресот, Пенс издаде соопштение во кое се наведува дека дадената заклетва дека ќе го почитува Уставот, го спречува самостојно да преземе овластување кои електорски гласови би требало да бидате преброени, а кои не.“