Кабул со „напредни“ камери против тероризмот

Илустрација: Авганистанскиот персонал за безбедност чува стража на местот на бомбашки напад во Кабул на 22 декември 2020 година.

Првиот потпретседател на Авганистан Амрулах Салех ги објави плановите за инсталирање на безбедносни камери со „напредна“ технологија низ Кабул, за подобро справување со акциите на „терористите и крадците“ во главниот град.

Проектот ќе чини повеќе од 100 милиони долари и ќе биде поддржан од Мисијата „Одлучна поддршка“ на НАТО, напиша денеска Салех на социјалната мрежа Фејсбук додавајќи дека технологијата е значително подобрена откако безбедносни камери биле инсталирани низ Кабул во 2008 година.

Досега немаше коментари од НАТО или од неговата мисија во Авганистан.

Објавата доаѓа во момент на континуирано насилство и хаос во Авганистан, вклучително во главниот град, што е закана за напорите да се стави крај на близу дведецениската војна во земјата.

Претставниците на Авганистансата влада и Талибанците треба да ја започнат втората рунда мировни разговори оваа недела во Катар.

Директните разговори започнаа во септември, а на двете страни им беа потребни околу три месеци да се договорат за клучните прашања за преговорите, дозволувајќи разговорите да преминат на посуштински прашања, вклучително и прекин на огнот.