Јужна Кореја ќе испрати делегација во Иран за запленетиот танкер

ИРАН - Запленетиот танкер со знаме на Јужна Кореја е придружуван од бродови на Иранската револуционерна гарда на Персискиот залив. Иранската државна телевизија призна дека Техеран ja заплени цистерната со нафта во теснецот Хормуз, 04 јануари 2021 година

Јужна Кореја соопшти дека ќе испрати владина делегација во Иран „што е можно порано“ за да се обиде да го ослободи танкерот со нафта запленет од Иран.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи го соопшти ова денеска, еден ден откако Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) го зазеде танкерот "Ханкук Чеми" со знаме на Јужна Кореја и го приведе неговиот екипаж од 20 членови во близина на стратешкиот теснец Хормуз, со образложение дека танкерот го загадува морето и со тоа ги крши еколошките стандарди.

Портпаролот исто така рече дека заменик-министерот за надворешни работи на Јужна Кореја, Чои Јонг-кун, ќе продолжи со претходно планираното патување во Техеран на почетокот на следната недела, бидејќи иранските власти бараат ослободување на милијарди долари замрзнати во јужнокорејските банки поради американските санкции. Замрзнатите средства се од продажбата на нафта кои се зарабени откако Вашингтон ги заостри санкциите кон Иран по повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор.

Во Техеран, портпарол на иранската влада ги отфрли обвинувањата дека запленувањето на танкерот од Иран претставува заложништво. „Ако некој треба да се нарече заложник, тоа е јужнокорејската влада што ги зеде нашите над 7 милијарди долари од продажбата на нафтата“, рече Али Рабиеи пред новинарите.

Американскиот Стејт департмент го обвини Иран за закана врз „навигациските права и слободи“ во Персискиот залив со цел „да ја изнуди меѓународната заедница за да го намали притисокот“ од економските санкции.