Македонскиот премиер Зоран Заев денеска изјави дека очекува деновиве земјите-членки на Европската унија (ЕУ) да покажат солидарност и уште овој месец да ѝ дадат на Македонија од нивните вакцини против ковид-19.
На денешната прес-конференција, на која беа презентирани владините планови за 2021 година, Заеврече дека побарал од ЕУ да одвојат пет отсто од нивните вакцини за земјите од Западен Балкан и смета дека на тој начин и кај нив нема да има прекин во вакцинирањето.
„Најсигурни ни се тие 5800 вакцини од ‘Фајзер’ и додека тие се користат, ќе почнат да стигнуваат вториот и третиот пакет. Она на кое во моментот реагираме се првите испoраки кои стигнаа во ЕУ и некаде се околу 10 илјади, 15 илјади, 20 илјади, 7 илјади, во зависност од големината на земјите и тие стартуваа со давање на вакцини на граѓаните и процесот додека трае ќе им стигнат и вторите испораки. Затоа ние баравме барем 5 отсто од тоа што го имаат земјите членки на ЕУ да го споделат со Западен Балкан и да може непречено да продолжи вакцинацијата во земјите од ЕУ. Ќе им стигне втората испорака, а притоа ќе имаат солидарност со земјите од Западен Балкан. Јас очекувам навистина солидарноста на ЕУ да ја видиме овие денови заради тоа што тоа е еден од најизвесните начини уште во јануари да ја добиеме вакцината, а секој ден порано е добредојден“, рече Заев.
Покрај вакцините од ЕУ на кои се надева, Заев очекува регуларна испорака, на прва, втора, трета, четврта испорака, на вакцините кои што владата директно ги договори со производителот „Фајзер“. Првите 5850 дози од овие вакцини треба да стигнат во февруари, во март треба да стигнат уште 17550 и најмалку уште толку во април.