Не е паметно сега да се преговара и да се бара решение за проблемот, кога бугарските политичари се фокусирани на изборите. Но, добро е, овој период, до 28 март, да се искористи за спроведување на Акцискиот план и за реализирање на планираните инфраструктурни проекти како преминот Клепало и Коридорот 8, вели премиерот Зоран Заев.
„Сега не е рационално да се разговара зашто бугарските политичари се исправени пред избори, но Акцискиот план ќе помогне многу за голем дел од работите и кај нас и кај Бугарија да се реализираат побрзо. Со него се покриени сите области – од инфаструктура до образование, спорт и култура. Акцискиот план е доставен до Бугарија, чекаме одговор. Тоа се идеи кои може да се дополнат. Акцискиот план произлегува од Договорот за пријателство и е од наш интерес, а целта е поинтензивна соработка“, рече Заев во гостувањето во дневникот на ТВ Сител.
Најавените активности на Бучковски, Османи и Димитров, рече Заев, ќе бидат во оваа насока.
„Да не ги креваме очекувањата тука во јавноста дека ние не знам што ќе решиме дотогаш, зашто пред избори не е паметно да се влезе внатре зашто тоа само може да ја поттикне омразата. Но, ајде да видиме што може, може да го спроведеме Акцискиот план и инфраструктурата“, подвлече премиерот.
Историските прашања, нагласи, треба да и се остават на Комисијата, а идентитетските прашања, потвори уште еднаш, не смее и нема да бидат на масата за преговори. Тоа, рече, го знае и бугарската страна и тука нема дилеми. Дополни и дека во однос на македонскиот јазик, Бугарија може да го издвои своето мислење додека не ги признае официјално и македонскиот јазик и македонскиот народ, иако секој ден премиерот, претседателот на државата и министерот за надворешни работи зборуваат за македонскиот народ и македонскиот јазик.