Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа денеска се сретна со претставници на Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари кои напладне протестираа пред зградата на Владата во Скопје. Како што соопшти владината прес служба на средбата повторно ги разгледале можностите за излегување во пресрет на барањата на производителите на тутун, а министерот истакнал дека е потребно зајакнување на динамиката на откупот на тутунот за да се заврши откупот на реколтата во законскиот рок.
„Истовремено беше изразена волја Владата да вложи максимални напори за достигнување на просечната цена на тутунот во висина од 180 денари и ќе преземе мерки тоа и реално да се оствари“, информираат од Владата.
Денеска пред зградата на Владата во Скопје тутунарите протестираа тврдејќи дека се земаат квалитетени тутуни како пониски класи, дека динамиката на откуп е слаба, обвинија дека досега не влегле во ниту еден пакет-мерки и побараа зголемување на субвенциите.