Трамп во обид да се најдат повеќе гласови во Џорџија

Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп изгледа како да се обидува да врши притисок врз изборните власти во американската држава Џорџија да му „најдат гласови“ со кои ќе се смени изборниот резултат во таа држава, додека неговите соработници во американскиот конгрес настапија со план за oспорување на формалното прогласување на избраниот претседател Џо Бајден.

Додека инаугурацијата на Бајден треба да се одржи на 20 јануари Трамп ги зголеми напорите за оневозможување на традиционалното предавање на власта. И покрај неговите забелешки за изборна измама државните власти соопштија дека нема докази за измама или други проблеми кои може да го сменат исходот.

Во аудио разговорот, кој Вашингтон Пост го објави вчера Трамп, се слуша како му вели на државниот секретар на Џорџија Брад Рафенспергер, исто така републиканец, да му „најде“ повеќе гласови.
„Се што сакам да се направи е следново: сакам само да се најдат 11 780 гласови“, вели Трамп во аудио материјалот.
Финалните резултати покажаа дека Бајден во таа држава освоил 11 779 гласа повеќе од Трамп.