Сите кои работат на новиот концепт на основното образование немаат лоши намери и се подготвени да ги слушнат сите експерти од сите области, вклучително и родителите и дечињата и да го прифатат тоа што е најдобро, рече денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за најавените образовни реформи.
Тој додаде дека нема потреба да се брза и дека има доволно време по пат на дебата да се дојде до најдобар модел. Премиерот рече дека еден дел од сугестиите биле да се оди пополека и да не се избрзува, да се тргне со реформа од прво одделение, па следната година од шесто одделение.
„Можеби треба да дадеме подолго време за шесто одделение за да се издискутира до крај и да тргнеме од 2022 година, но ова не го кажувам како експерт, туку за да знаат сите дека јас, министерката за образование и целиот нејзин тим, експертската и работната група се подготвени да слушнат што е најдобро и да го прифатат тоа за да стартуваме онака како што е најдобро за учениците“, потенцира Заев.
Образовната реформа која ја најави министерката за образование Мила Царовска требаше да почне од следната учебна година за прво и шесто одделение. Најмногу реакции во јавноста предизвика најавата дека предметот историја во основното образование ќе се спои со географија.