Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денес одржа онлајн состанок со директорите на основните и средните училишта од целата држава на која го оценија спроведувањето на хибридната настава во првото полугодие од учебната 2020/2021 година. На состанокот, директорите на училиштата истакнаа дека иако на почетокот на училишната година отпорот кон онлајн наставата беше голем, сепак хибридниот модел ги даде посакуваните резултати во вонредни околности во какви што се работеше изминатите месеци.
„Со над 90 отсто ученици коишто успешно следеа онлајн настава, со помалку од 1 % активни случаи на Ковид-19 кај наставниците и учениците кои посетуваа настава со физичко присуство и со редовна динамика на емитување на часови на македонски и албански јазик на Националната телевизија слободно можеме да кажеме дека успешно го заокруживме првото полугодие. Наставниот материјал е поминат според предвидените скратени програми, а учениците се оценети“, рекоа директорите на состанокот, соопшти Министерството за образование и наука.
Министерката Царовска потенцираше дека со хибридниот модел на настава: онлајн, со физичко присуство и со емитување на часови на телевизија се постигна континуитет во наставата. Таа останува на ставот дека онлајн наставата ќе продолжи и во второто полугодие од учебната година, бидејќи, како што рече, тоа е најбезбеден начин, а веќе сите наставници и ученици се прилагодиле на овој систем на учење.