Османи: Португалија да продолжи каде што застана Германија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, денеска изјави дека има позитивни очекувања и од португалското претседавање со Советот на Европската унија (ЕУ), кога е во прашање усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија. Тој на денешната прес-конференција рече дека во првичните контакти со португалското претседателство била „искажана сериозна намера да се продолжи процесот којшто остана од германското претседавање со Унијата“.

„Очекувам Германија да продолжи со својот ангажман и во текот на португалското претседателство, но според првичните контакти, португалското претседателство има сериозна намера да се продолжи таму кадешто остави германското и што побрзо да се најде решение за разликите со цел да се одржи првата меѓувладина конференција, односно да се усвои преговарачката рамка“, рече Османи.

Министерот Османи додаде дека разговорите околу разликите со Бугарија ќе продолжат, но ќе се разговара и со сите останати членки на ЕУ. Тој информираше дека бугарската Влада сѐ уште не одговорила на нон-пејперот што го упати Македонија пред Нова година, но македонската Влада се подготвува за продолжување на комуникацијата, како и за пристапот и динамиката во наредниот период.

„Нашите позиции се јасни, имаме доверба во нашите позиции и унисоност и очекувам дека Бугарија ќе рефлектира по тоа што се случи во декември“, изјави Османи, и додаде дека на почетокот на годинава очекува и средба со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.