Државата презема сè што е во нејзина моќ да добие екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, кој сега е во азил во Унгарија, назад во земјата, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за МИА и додава дека не се откажуваат од екстрадицијата.
Според Маричиќ, државата не е лимитирана во однос на тоа колку пати може да побара екстрадиција на лицата кои се во бегство. Министерот вели дека во случајов нов момент е одлуката на Уставниот суд да ја прогласи за уставна одлуката за повлекување на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Поранешниот премиер Груевски живее во политички азил во Будимпешта откако побегна по донесувањето на пресудата за случајот „Тенк“ на поранешното СЈО, во кој е осуден на двегодишна затворска казна поради незаконската набавка на „Мерцедесот“ како и за обвинението за организирање на насилниот упад во Собранието од 27 април 2017 година. Осуден е и на 1,5 години затвор за случајот „Насилство во Центар“. До сега имаше две барања за екстрадиција, во ноември 2018 и во јуни 2019 година.