Британскиот премиер Борис Џонсон го потврди своето спротивставување на одржување нов референдум за независност на Шкотска, што со нетрпение го посакува шефот на шкотската влада која сака Шкотска, како независна, да стане членка на Европската унија. „Според моето искуство, референдумите во оваа земја не се особено среќни настани“, изјави Џонсон за Би-Би-Си, алудирајќи на длабоките поделби предизвикани од референдумот за Брегзит во 2016 година, на кој неговиот табор освои 52 проценти од гласовите. Според Џонсон, референдумите треба да бидат дозволени само „еднаш во генерација“.
Лондон ја обвини Русија за мешање во шкотскиот референдум
Шкотската премиерка Никола Старџен во саботата изјави дека се надева оти Шкотска ќе добие независност и дека ќе може да се „придружи“ на Европската унија, нагласувајќи дека Брегзит е извршен спротивно на желбите на Шкотланѓаните. Додека Британците гласаа вкупно со 51,9 проценти за Брегзит во 2016 година, Шкотите беа 62 проценти против напуштање на Европската унија. Премиерката Старџен повторно повика на референдум за независност на Шкотска, иако нејзината партија загуби во 2014 година, кога 55% од Шкотланѓаните рекоа „Не!“ за независноста.