Поранешни шефови на Пентагон предупредуваат против военото учество во трансферот на власта во САД

Пентагон

Десет поранешни американски секретари за одбрана го повикаа Пентагон да се посвети на мирна транзиција на власта и предупредија на опасностите од вклучување на американската војска во транзицијата. Поранешните шефови на Пентагон, вклучувајќи и двајца назначени од претседателот Доналд Трамп, го објавија ова нивно мислење во Вашингтон пост. Изборите во САД и мирниот трансфер на власта „се обележја на нашата демократија“, велат тие и го повикаа сегашниот вршител на должноста шеф на Пентагон, Кристофер Милер, да се воздржи од играње улога во напорите на Трамп да остане претседател.

Група републикански сенатори ќе ја оспоруваат победата на Бајден

„Напорите за вклучување на вооружените сили на САД во решавањето на изборните спорови ќе не однесат на опасна, незаконска и неуставна територија“, напишаа тие, додавајќи дека службениците што ќе го сторат тоа би можеле да се соочат со сериозни професионални и криминални последици. Изборниот колеџ ја ратификуваше победата на Џо Бајден на гласањето на 14 декември. Конгресот треба да ги преброи гласовите на Изборниот колеџ на 6 јануари на заедничка седница. Постапката е вообичаена формалност, но таа доби дополнително значење оваа година, бидејќи некои републиканци во Конгресот велат дека ќе го оспорат пребројувањето во обид да ја поништат победата на Бајден.