Министерот за надворешни работи Бујар Османи до неговите колеги од Бугарија и Албанија испратил писмо со предлог платформа за трилатерална соработка. Предлогот именуван како „Иницијатива 8“, опфаќа забрзување на инфраструктурните, енергетските и комуникациските инвестициски проекти долж Коридорот осум, изградба на политичка платформа за унапредување на меѓусебна соработка, интензивирање на политичката, економската, безбедносната, културната и општествената размена.
Министерството за надворешни работи соопшти дека Османи на стартот на новата година упатил писмо до министерките за надворешни работи на Бугарија и Албанија, Екатерина Захариева и Олта Џачка, преку кое предлага нова мултидисциплинарна иницијатива, политичка платформа преку која би се интензивирала и продлабочила меѓусебната соработка, како стратешки интерес за трите држави.
„Иницијативата 8“ ќе претставува трилатералната координација и соработка за поддршка на инвестициските проекти долж Коридорот осум. Отстранување на причините за постојаното одложување на овие проекти ќе претставува позитивен импулс за дополнителна политичка, економска, безбедносната, културна и општествена соработка меѓу трите земји, ќе има соодветен придонес и во унапредувањето на севкупната соработка и зајакнување на безбедноста во регионот, а ќе има особено влијание и врз заедничката цел за европските перспективи на целиот регион, соопштува МНР.