ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи и да го почитува пописот, а идната влада ќе спроведе кредибилен попис по сите стандарди на ЕУРОСТАТ и другите институции на Обединетите нации, рече денеска на прес-конференција членот на Извршниот комитет на партијата, Стефан Андоновски.
Според него, власта се труди да направи фалсификат, како што направила со и со изборите.
„Нејасни се за нас три поенти, односно три состојби. Првата, зошто не се објавува методологијата на попишување која што требаше да биде интегриран дел на Законот за попис за сите да ја видат? Под број два, зошто СДСМ е против терминалите за отпечаток на прст кои што секако треба да се набават и е законска обврска за локалните избори кои ќе се одржат оваа година и третиот дел тоа е дека СДСМ се обидува да направи попис во кој луѓето нема да имаат доверба, граѓаните нема да имаат доверба и институциите нема да имаат доверба“, рече Андоновски.
Владата најави дека годинава ќе спроведе попис на населението, прв по 18 години. Законот за попис е во собраниска процедура, а се очекува пописот да се спроведе во април следната година.
Македонија во 2011 година се обиде да спроведе попис, но обидот пропадна. Ова прашање во земјава е со висок политички набој, зашто етничките права, според Уставот, произлегуваат од процентот на население.