Во Новата година со 19 379 активни случаи на Ковид-19

Државава влезе во Новата година со 19 379 активни случаи со Ковид-19. Вчера беа регистрирани нови 536 од направени 1662 тестирања, 15 починати, 741 оздравен пациент.

На инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава, заклучно со вчера, се лекуваат 871 пациент суспектен или позитивен на коронавирусот. Во ковид центрите има околу 450 празни болнички кревети.
Ковид статистиката на ресорното Министерство покажува дека најмногу активни случаи има во Скопје 11.333, по што следат Тетово со 847, Струмица со 604, Кавадарци, Охрид, Битола, Прилеп, Куманово со по околу 500, додека Кратово е со најмалку активни случаи – 17.

Нови 536 случаи на заразени од ковид-19 и починати 15 лица

Здравствените власти во пресрет на празниците апелираат на почитување на мерките и протоколите. Истакнуваат дека со вакцината која влева надеж за целото човештво, секој ден сме чекор поблиску да ставиме крај на пандемијата. Иако епидемијата стивнува, истакнуваат дека нема простор за опуштање.