Американски бомбардери во предупредувачки летови над Персискиот залив

американски бомбардер од типот Б-52

Два американски бомбардерa од типот Б-52 прелетале над Персискиот залив во третата ваква претстава на сила во последните неколку месеци, веројатно со цел да го одвратат Иран од напади на американски или сојузнички цели во регионот. Американските бомбардери извршиле кружна, 30-часовна мисија од базата Минот, во Северна Дакота, до Блискиот исток. „Соединетите држави продолжуваат да распоредуваат сили за борба во областа на одговорност на Централната команда на САД за да спречат каков било потенцијален противник и да стават јасно до знаење дека сме подготвени и способни да одговориме на секоја агресија насочена кон Американците или нашите интереси“, изјави генерал Кенет Мекензи, началник на Централната команда на САД. Тој притоа додаде: „Ние не бараме конфликт, но никој не треба да ја потценува нашата способност да ги браниме нашите сили или да дејствуваме одлучно како одговор на каков било напад“.

Бајден сака да преговара за ирански договор

Воздушните сили на САД извршија две слични мисии во изминатите 45 дена. Мисијата ја одразува зголемената загриженост во Вашингтон дека Иран може да нареди понатамошна воена одмазда за американското убиството на врвниот ирански воен командант генерал Касем Солеимани во соседен Ирак во јануари годинава.

Лавров - Москва се спротивставува на санкциите кон Техеран

Неколку дена по воздушниот напад во кој беше убиен Солеимани, Иран изврши балистички ракетен напад врз воена база во која се сместени меѓународни трупи во Ирак. Загриженоста на САД се зголеми по ракетниот напад минатата недела врз комплексот на американската амбасада во Багдад од страна на шиитските милициски групи поддржани од Иран. Никој не беше убиен во нападот.