Путин потпиша измени на контроверзниот закон за „странски агенти“

Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин ги потпиша законските прописи за кои набљудувачите на остварувањето на човекови права и опозициските политичари изјавија дека ќе ги поткопа демократските процеси. Законските прописи, кои денеска стапија во сила, вклучуваат серија измени и дополнувања на контроверзниот закон за „странски агенти“ за да се дозволи физички лица и јавни субјекти да бидат означени како странски агенти доколку се смета дека се занимаваат со политички активности “во интерес на странска држава “.

Организациите кои ја добиле етикетата ќе треба да ги пријават своите активности и да се соочат со финансиска ревизија.

Путин потпиша посебен нацрт-закон со кој се изрекуваат казни до пет години затвор за оние идентификувани како „странски агенти“ кои не се регистрираат како такви или не известуваат за своите активности. Основи за признавање како „странски агент“ може да бидат одржување митинзи или политички дебати, давање мислења за државните политики, активности што промовираат одреден исход на избори или референдум, учество како изборен набудувач или во политички партии доколку се направат во интересот на странски субјект.

Амнести Интернешнл го критикуваше предложеното законоско решение велејќи дека тоа „драстично ќе ја ограничи и оштети работата не само на граѓанските организации кои добиваат средства од надвор од Русија, туку и од многу други групи“. Критичарите велат дека законот за „странски агенти“, првично донесен во 2012 година и оттогаш проширен со амандмани, е произволно применет за насочување кон руските граѓански организации, бранителите на човековите права и политичките активисти.

Путин исто така потпиша предлог-закон со кој се дозволува регулаторот на медиумите Роскомнадзор делумно или целосно да го ограничи или забави пристапот до странски веб-страници кои „ги дискриминираат руските медиуми“. Законското решение се очекува да влијае на главните платформи за социјални медиуми, како што се Јутјуб, Фејсбук и Твитер.