Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави денеска дека сопствениците на издадени викендици или станови ќе сносат кривична одговорност, како и присутните, ако за време на прославата на новогодишната ноќ во нивните објекти има 15, 20 или 30 луѓе. Тој рече дека со групирање директно се прекршуваат мерките и се загрозува здравјето на граѓаните. Спасовски истакна и дека на бесплатниот телефонски број граѓаните можат да се јавуваат и да ги пријавуваат забавите и групирањата.
„Суштина на проектот е да бидеме партнери заедно со граѓаните. И тоа е секаде во развиениот и демократски свет. Ова не е враќање во некое друго време, тоа друго време беше време во кое власта правеше следење и прекршување на човековите права. Но, да се изборите за почитување на законот и почитување на одлуките да се озборите за заштита на здравјето на граѓаните, тоа не е недолично однесување, туку напротив, едно одговорно партнерско однесување на граѓаните“, рече Спасовски во гостување на телевизија Сител.
Според Спасовски, граѓаните не треба ништо сериозно да направат во овој период, освен да празнуваат одговорно и во кругот на семејството и на тој начин да придонесат заеднички кон справувањето со ковид кризата. Тој појасни дека ќе има контроли на целата територија на државата во сите градови и во сите туристички центри.