Советот на Европа со седиште во Стразбур, Франција изрази загриженост за означувањето на поединци како „странски агенти“ во Русија, откако земјата додаде пет лица во својот регистар, за кој активистите велат дека се користи како начин да се ограничи нивното дејствување.
Советот на Европа, кој е една од водечките организации за човекови права на континентот истакна дека овој потег и законот за странски агенти воопшто „го задушува развојот на граѓанското општество и слободата на изразување“.
Реакцијата доаѓа еден ден откако Русија соопшти дека ставила пет лица - вклучително и тројца новинари кои се соработници на РСЕ и двајца активисти за човекови права - во регистарот на Министерството за правда за „странски масовни медиуми кои вршат функции на странски агент“.
„Етикетирање на поединци, вклучително и новинари, истражувачи и бранители на човекови права, како странски агенти ги стигматизира овие лица и ризикува дополнително да ги поткопа плурализмот и демократијата во Руската Федерација“, додаде Европскиот Совет во соопштението.
Претходно само регионалните НВО и групите за права беа ставени во регистарот, во согласност со усвојувањето на рускиот контроверзен закон за странски агенти од 2012 година.
Подоцна законот беше проширен за да вклучува медиуми и независни новинари. Вклучувањето во регистарот наметнува дополнителни ограничувања, како што е обврската да се обезбедуваат редовни финансиски извештаи за активностите и начинот на обележување на публикациите.