Османи: Србија го користи секој простор за дестабилизација на Косово

Вршителката на должноста претседател на Косово, спикерката на Собранието, Вјоса Османи

Вршителката на должноста претседател на Косово, спикерката на Собранието, Вјоса Османи изјави дека Србија со делење вакцини во средините со мнозинско српско население во северно Косово врши флагрантно кршење на меѓудржавните договори потпишани во Брисел со посредство на ЕУ. Таа посочи и дека случајот говори за неподготвеноста на косовските институции кои треба да ги информираат сите граѓани, вклучително и оние во северно Косово, за времето кога се очекува да биде обезбедена вакцината.

„Се додека недостасуваат такви информации и координација, нормално дека Србија ќе го користи секој простор и секој вакум за да ја дестабилизира земјата. Бидејќи тие и кога го користат тоа како аргумент дека наводно се грижат за граѓаните, фактички тоа го прават за да ја дестабилизираат безбедносната, но и политичката ситуација, што подоцна може да предизвика тешки последици. Се разбира дека истрага мора да се спроведе и лицата кои го извршиле тој процес на илегален начин мора да одговараат“, изјави Османи.

Таа рече дека Косово доцни со обезбедувањето на вакцините, за што треба да се бара одговорност од Владата и се прават напори за да се добие помош од државите на Европската унија.