Берлин не планира да се повлече во спорот со САД околу гасоводот „Северен тек 2“, изјави за ДПА германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас. „Не треба да зборуваме за европски суверенитет, ако тоа значи дека сè што правиме во иднина ќе биде како што тоа го сака Вашингтон“, рече Мас. Претходно, конзорциумот „Северен тек 2“ предводен од Русија соопшти дека заврши со поставување цевки за проектот во германските води, финализирајќи ги работите на дел од гасоводот во должина од 2,6 километри, кој беше закочен од заканата од санкции на САД. „Германската влада нема да го смени ставот за „Северен тек 2“. Важно е дека сме во согласност со централните стратешки и геополитички прашања, дека сме на иста страна“, рече Мас во пресрет на 20 јануари, кога Џо Бајден ќе ја преземе функцијата од американскиот претседател од Доналд Трамп.
Како може да изгледа претседателството на Бајден?
ДПА пишува дека со инаугурацијата на Бајден не се очекува промена во американската политика и дека избраниот претседател, демократот Бајден, како и Трамп, го отфрлаат проектот за гасоводот. Северен тек 2 треба да донесе руски гас директно во Германија, најголемата економија во Европската унија, преку рутата под Балтичко Море. Соединетите држави оценија дека гасоводот претставува закана за безбедноста на сојузниците на НАТО во ЕУ поради зголемената зависност од руската енергија и се заканија со нови санкции. Оние кои го поддржуваат проектот „Северен тек 2“ ги обвинуваат Соединетите држави дека само сакаат да бидат во позиција подобро да го продаваат сопствениот гас во Европа.