Руските власти му дале 72 часа на бугарски дипломат да ја напушти земјата, откако претходно беше протеран руски воен аташе од Софија.
Руското Министерство за надворешни работи во денешното соопштение наведува дека испратиле нота до бугарската Амбасада во Москва, во која најавуваат дека асистентот на бугарскиот воен аташе е прогласен за „персона не-грата“ како одговор на „неоправданото“ отстранување на нивниот дипломат претходно овој месец.
Бугарските власти на 18 декември му дадоа 72 часа на руски дипломат да ја напушти земјата, која е членка на ЕУ и НАТО, откако обвинителите потврдија дека тој бил вмешан во шпионажа од 2017 година.
Обвинителите рекоа дека дипломатот „собрал воени информации, вклучително и за бројот на американските трупи распоредени на бугарска територија за време на воени вежби“.
Според обвинителите, целта била да се пренесат тие информации на руските воени разузнавачки служби. Обвинителите тврдат дека имаат докази дека дипломатот контактирал со бугарски државјанин со пристап до класифицирани информации на кого му биле понудени пари.
Ова е шести случај, од октомври 2019 година, руски дипломат или службеник во руската амбасада во Софија да биде протеран поради сомневање за шпионажа.