Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека се прават напори предлозите на опозицијата што се однесуваат на Законот за попис да бидат прифатени, посочувајќи дека опозициските партии во овој процес биле вклучени повеќе од една година и половина. Опозицијата даде предлог при попишувањето да се користи отпечаток од прст
Заев рече дека има три категории попишување – едниот дел се вкупно граѓаните, вториот дел се граѓани резиденти односно сите граѓани што живеат во земјата и третата група се граѓани кои се иселени на подолг период од една година. Тоа, според него, ја прави беспредметна и ирационална дебатата за етничка припадност или колкави се процентите и слично.
„Опозицијата даде нов предлог да користиме отпечаток од прст. Јас не знам како ќе го користат отпечатокот граѓаните што се иселени по една година. Правиме напори. Министерот за правда веднаш стапи во контакт со донатори да видиме дали може да обезбедиме донации, имаме амбасади кои располагаат со преку 20 милиони евра поддршка за изборите во државата, па замолуваме да одвојат пет милиони евра, па да купиме пет илјади отпечатоци кои ги користиме за изборите ама еве ќе помогнат и за пописот“, изјави Заев.
Тој предупреди дека доколку некоја од политичките страни, власта или опозицијата не даде согласност за законот, попис нема да се одржи.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека целта им е да нема фалсификат попис.
„Според начинот на Заев Македонија ќе преброи 3 милиона жители. Без примена на терминали за отисок од прст не може да се утврди реалната слика. Заев не смее да го спроведува пописот на принципот на талибански избори, како што тераше до сега. Талибански попис ВМРО-ДПМНЕ нема да признае“, наведуваат од партијата.
Во Македонија последниот попис се одржа во 2020, пред 18 години. Законот за попис е во собраниска процедура, а се очекува пописот да се спроведе во април следната година.