Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопшти дека вчера биле приведени осум лица во Скопје и Куманово за кривично дело „терористичка организација“. Во анти-терористиката акција бил направен и претрес и биле пронајдени воена опрема и оружје. Акцијата ја извел Секторот за борба против тероризам, во координација со Агенцијата за национална безбедност и Основното јавно обвинителство.
Полицијата соопшти дека против приведените Б.Ф. (32), Б.Г. (27) и Ј.К. (25) од Скопје и И.М. (22), Д.А. (21, ) Р.А. (31), С.И. (31) и А.С. (21) од Куманово, веќе е поднесена кривична пријава. Во соопштението од МВР се наведува дека оваа акција е поврзана со апсењето на тројца повратници од војната во Сирија во август годинава кога беа уапсени Б.А. (28), В.А. (22) и Е.Љ. (25) од Куманово, осомничени за кривичните дела „терористичка организација“ и „тероризам“, кога беа пронајдени оружје и минско експлозивни средства.
Од МВР велат дека Б.Ф. учествувал и во паравоени формации надвор од територијата на Република Северна Македонија, како припадник на терористичка организација ИСИС во Сирија.
„Б.А. од Куманово создал терористичка организација, во која покрај претходно приведените В.А. и Е.Љ., членувале и лицата кои се приведени вчера, а врз идеолошката матрица на ИСИС за извршување на убиства и уништување на јавни објекти. За остварување на таа намера, членовите обезбедувале пари, набавувале воена опрема и оружје, а вршеле и пробни дејствија. За меѓусебна комуникација ја користеле платформата ВатсАп, каде се договарал транспортот на оружјето и другите дејствија“, изјави денеска помошник-министерот за односи со јавност во МВР, Тони Ангеловски, во видео објавено од Министерството, заедно со фотографии од приведените.
Видео од приведувањето на осомничените, објавено од МВР, по спроведената анти-терористичка акција и претресот во Скопје и Куманово
Според помошник-министерот Ангеловски, оружјето и опремата биле најдени во месноста Менкова Колиба, за која на 31 август годинава кривично беа пријавени три лица, а количината и намената на откриеното укажувала дека се работи за повеќечлена терористичка организација. Според доказите, имало комуникација меѓу сите членови на терористичката организација.
Видео-изјава на помошник-министерот во МВР, Тони Ангеловски, објавена од Министерството, по полициската акција
МВР, во интерес на истрагата, не открива повеќе детали.
Оваа група, според полицијата, била поврзана со уапсените во полициската акција на 31 август годинава, а за чии членови МВР објави дека се рецидивисти односно повратници, лица кои претходно за сторено кривично дело „Учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“ се правосилно осудени и издржале казна затвор.
За феноменот на рецидивистите, а кои директно влијаат врз македонското општество и неговото справување со него, Радио Слободна Европа на почетокот на ноември годинава, разговараше со Афродита Муслиу, координатор на истражувањето „Подобрување на разбирањето на феноменот на странските терористички борци (СТБ): Предизвици за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на повратниците и помагателите во Република Северна Македонија“.