Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во две одвоени соопштенија го осудија однесувањето на дел од опозициските политички партии и нивните пратеници кои од собраниска говориница етикетираа и омаловажуваа новинари.
ССНМ ги посочува изминатите неколку дена кога, како што наведува, тоа се правеше кон вработените во телевизија Телма од страна на партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица и нивни пратеници.
„ Јавното етикетирање на телевизијата како „купена од власта и режимска” и слични други политички конотации и навреди упатени од страна на партиите и политичарите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кон вработените во телевизијата, ССНМ го смета за директен притисок врз слободата на изразувањето, работата на медиумите и нивната уредувачка политика. Дополнителна тежина на тоа дава и фактот што за етикетирањето е употребена собраниската говорница што според ССНМ е злоупотреба на Собранието за вршење притисок и омаловажување на медиум, во случајов телевизија Телма,“ наведува ССНМ.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) смета дека јавното етикетирање на медиумите и новинарите, посебно од страна на високи претставници на политички партии и пратеници, ја загрозува слободата на медиумите и е промоција на обиди за цензура и самоцензура.
„Овој вербален напад упатен кон нашите колеги од ТВ Телма дополнително претставува и повреда на Кодексот за етичко однесување на пратениците. ЗНМ ги потсетува пратениците дека имаат должност да го почитуваат Кодексот кој во член 6 вели: „пратениците да не користат зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажи други лица, човечко достоинство и ќе предизвика омраза, нетолеранција и насилство“. Апелираме до пратениците и сите политички чинители дека доколку сметаат дека одреден медиум ги крши професионалните стандарди, да поднесат претставка до Советот за Етика на медиумите во Македонија и до Советот на честа при ЗНМ, наведува Здружението.
Според ЗНМ, ваквото однесување на политичарите кои јавно се пресметуваат со новинари и медиумите негативно се одразува на слободата на медиумите, и ваквиот агресивен говор поттикнува симпатизери на овие политички партии дополнително да се пресметуваат, но и да се закануваат на новинарите пред се на социјалните мрежи на интернет.