Шекеринска - Изјавата на Каракачанов не е пријателска, ниту сојузничка

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска ја оцени како „само балканска“ изјавата на нејзиниот бугарски колега Красимир Каракачанов, кој рече дека најавената донација на вакцини за Македонија од Бугарија не е за соседи, туку за сонародници кои живеат надвор од Европската унија (ЕУ).

Шекеринска изјави оти претпоставува дека и неговиот премиер би се засрамил од оваа изјава.

„Оти таа не е изјава, ниту на сојузништво, ниту на пријателство. Навистина е изјава што е само балканска, ама во онаа негативната смисла“, вели Шекеринска.

Каракачанов во интервју за бугарската телевизија БНТ изјави дека Бугарија е држава на сите Бугари и дека имаат сонародници кои живеат во државите надвор од ЕУ.

„Тие се бугарски граѓани. Кога ние ги признаваме за Бугари треба да им дадеме можност да им се помогне“, рече Каракачанов.

Изјавата следуваше неколку дена откако бугарската Влада одлучи дел од секоја пратка со вакцини против ковид-19 која ќе стаса во Бугарија, да ја донира за граѓаните на Македонија.

Шекеринска за изјавата додава дека станува збор за „печалење политички поени“, нешто кое како што рече било видено во минатото и кое не завршувало „сјајно.“