„Недела неработен ден“ во јануари влегува во собраниска процедура

Собрание на Република Северна Македонија

Законската одредба недела да биде неработен ден би требало да влезе во собраниска процедура по Нова година, очекува министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска. Таа на денешната прес-конференција информираше дека имало дилеми во одредени области и затоа им било потребна темелна анализа за да ги соочат аргументите за и против на сите заинтересирани страни.

Дилемите, како што појасни министерката, се околу тоа кој треба да биде опфатен со недела неработен ден, односно кои дејности во државата треба да функционираат – здравството, полицијата, социјалната служба, центрите за детска заштита, старските домови, противпожарните служби, комуналните служби.

„Нашето Министерство ја изработи драфт-верзијата, ја предочивме на сите членови односно партнерите во социјалниот дијалог, се уште во општеството има интерес за ова законско решение – за и против, меѓутоа ние не се откажуваме“, рече Шахпаска.